Маркови Кули (или град Чрнче) - тврдина од типот збег на градот Скопје која лежи 4,5 км на југоисток од центарот на Скопје. Качена е на источниот крај на планината Водно во месноста Марково Крувче, врз издаден и стрмен варовнички гребен 350 м. високо над полето и Вардар во подножјето. Озгора има поглед врз полето многу километри на север, североисток и исток. Поврзан е со патот што по изохипса врти околу планината, а на тој пат израснале словенските средновековни села Сопиште, Водно, Нерези, Крушопек, Гр(ада)чец.
На зарамнетиот врв во VI век бил изграден еден необично силен кастел со големина 360 х 90 м. Ѕидовите му биле широки до 2,5 м и зајакнати со 40 кули. Страничните кули имале форма на петоаголнци со големина до 11 м; акрополата била бранета со 9 триаголни кули. Челната триаголна кула се потпирала на масивен бастион, голем 16 х 13 м. Со ископувањата од 1976 до 1980 г. била истражувана стратиграфијата на слоевите и нивната хронологија, потврдена со монети од Јустинијан I до Ираклиј.
Откопани се делови од обѕидието и 7 кули; сондирани се цистерните за вода и делови од водоводната мрежа, како и делови од други градби. Овој голем и невообичаено силно укрепен кастел со невообичаено големи цистерни за вода и невообичаено голем број кули служел како главна заштита и збег на жителите од рановизантискиот град што стоел во центарот на денешно Скопје; градот кој несомнено може да се идентификува со Јустинијана Прима.
Источниот ѕид е откопан по целата должина. Некогашната порта кон средната тераса во ова време била заѕидана, а на североисточниот агол е отворена нова потрена низ која се влегувало и низ која се цеделе отпадните води од цистерните. Ѕидот е широк само 1,6-1,7 м. Кулите имале неколку катови, судејќи според дупките за греди (етажни) што ги откривме во нив. Подовите во сутеренот лежеле врз рановизантиските подови. Покривните керамиди се од нов, комнински тип и биле налепени со малтер врз сводовите на кулите. Во две кули откривме слој со силен пожар и во нив парчиња од словенски црепни и византиски монети од XIII век (Теодор I, 1204-1222), како траги од освојување на крепоста.
Од претсловенските градби останале добро запазени и непотрупани двете големи цистерни за вода. Биле градени извонредно масивно, длабоки до 10 м, а собирале најмалку 2.400 м3 вода. Помалата цистерна била препокриена со керамиди во XI и XII век. До неа била поставена и нова водоводна линија, градена од керамички тубули со малтер (водата била носена од изворите кај с. Горно Водно). Еден крак од водоводот водел до југозапаниот агол на поголемата цистерна, снабдувајќи ја и неа со питка вода. Меѓутоа, сводот над неа во средниот век веројатно бил веќе урнат, а северниот ѕид длабоко пробиен, така што можело однадвор слободно да се влегува во цистерната како во отворена просторија. Делот на цистерната веројатно бил користен како коњушница. Покриен бил со кос дрвен покрив многу понизок од работ на цистерната. На ова упатуваат дополнително всечените лежишта за греди низ пиластрите во западниот ѕид. Крај јужниот ѕид на оваа цистерна во XI и XII век стоела една долга градба паралелна со неа, ѕидана без малтер. Подот и лежел во височина на круништето на цистерната. Во неа е најдена сликана византиска грнчарија од XI - XII век.
Бањата била изградена на тесниот простор помеѓу помалата цистерна и обѕидието, а врз остатоците на еден магацин од VI век. Има специфичен систем за затоплување оздола, сосем поинаков од античките хипокаустни уреди. Носачите на подот се градени во вид на масивни крајѕидни банкини и средишни квадратни подиуми. Меѓу нив се оставени канали за проток на топол воздух, длабоки до 0,75 м. Помали каналчиња за топол воздух се всечени во масата на носачите, а цевките за вентилација вертикално биле вѕидани во ѕидовите и обложени со керамички тубули. Едно ложиште (префурниум) е откриено под прагот на западниот дел, лачно надсводено со големи тули. Подот во двете простории бил обложен очигледно со дрвени штици, чиишто изгорени остатоци се најдени на целиот простор. Бањата горе била засводена и покриена со керамиди од Комнински тип, а глеѓосаната грнчарија датира од XII до XIII век.
Дворецот се наоѓа во средишниот дел на акрополата. Има правоаголна основа (22,5 х 12 м). Граден со малтер, а бројните дрвени греди во ѕидовите му давале поголема цврстина (систем сантрач). Ѕидовите биле украсени со дерсување, а подот покриен со малтерна кошулка. Градбата имала 3 простории во една низа и отворен трем пред нив по целата должина.
Во повелбата на кралот Милутин на манастирот Св. Георгиј на Серава забележано е името на овој „град”: Чрнче (1300 г.). Името му живее во денешната населба Црниче, сместена на падините на Водно северозападно од некогашната крепост. Функцијата на истата може да ја замислиме како висока стража, збег и дворец над Скопје.
Негізгі бет Srednovekoven grad Crnce (Markovi Kuli, Markovo Kruvche) na Vodno istrazuvanja 1980
Пікірлер